Вести

Одговор на небулозите и невистините изнесени од страна на г-нот Ѓорѓи Маркоски во интервјуто за порталот fakulteti.mk

Почитувани граѓани на Република Македонија

Животот на еден човек во крајна верзија е сепак комплексна творевина. Мојот дел од ова општество, иако не по моја вина стана прекомплицирано, па принден сум да дадам изворен одговор преку овој сајт. Намерата на сајтот не е од ваква природа какво што е изворното писмо за одговор према обвинувањата према мене, кое е подолу презентирано. Но како и да е, мора да се одговори, и тогаш кога тоа НАЈМАЛКУ ГО САКАШ. Во прилог е изворниот одговор према обвинувањата за моите злоупотреби према СММ.

Веќе подолг временски период од некои персони во јавноста се изнесуваат бројни невистини, кои се однесуваат на мојата работа како поранешен претседател на СММ, на што, по неговиот избор за претседател на СММ, се приклучи и г-нот Ѓорѓи Маркоски. Иако не е мој стил да се препишувам со никого, а посебно не со луѓе кои биле дел од тимот кој работеше во СММ додека истиот јас го раководев, сепак во интерес на вистината, морам да се осврнам на последното интервју на г-нот Ѓорѓи Маркоски, со кое истиот се обидува целосно да ја обезвредни не само мојата работа, туку и работата на луѓето со кои истиот долги години соработуваше, а притоа се обидува самиот да се промовира во некој вид месија, кој ќе ја врател довербата на луѓето во математиката, СММ и се разбира во институциите и тоа вероајтно затоа што тој лично се наоѓа на неколку раководни места и членува во неколку важни стручни органи и тела.

Пред било што да кажам, би му обрнал внимание на г-нот Маркоски дека треба посебно да внимава и да изнесува вистинити факти, секогаш, а особено во ситуација кога има функција која колегите му ја довериле, па дури и истата да е добиена со така мало мнозинство, како во случајот на неговиот избор, на кој поради сплеткарењето токму на неговите поддржувачи присуствуваат едвај шеесетина луѓе, што е занемарувачка бројка во споредба со илјадното македонски математичко општество, а е загрижувачки затоа што меѓу нив имаше луѓе кои немаат ништо заедничко ниту со математиката, ниту со образовниот систем, кои не се членови на СММ, а некои од нив на мое запрепастување станале членови на раководните органи на СММ. Г-нот Маркоски треба посериозно да го сфати раководењето со СММ и давањето на изјави, бидејќи токму тој во текот на целиот период додека раководев со СММ беше член на Комисијата за натпревари за средното образование. Оттука е несватливо што истата таа комисија тој ја девалвира, бидејќи на македонските математичари им е добро познато дека Маркоски во целиот овој период беше претседател на оваа комисија. Покрај тоа г-нот Маркоски жестоко го критикува математичкото списание СИГМА и тврди дека истото не е печатено веќе неколку години. Колку мизерно, па овој господин изминативе години беше главен и одговорен уредник на ова списание (до 31.01.2019 година) и затоа истиот не може самиот себе да се амнестира за проблемите кои настанаа во редовното излегување на списанието и кое излегуваше со закаснување. Меѓутоа г-нот Маркоски добро знае дека од списанието СИГМА се отпечатени сите броеви, се до вториот број за учебната 2018/19 година и дека како за печатењето на списанието, така и за уредувањето и пласманот на истото се подмирени сите финансиски обврски. Оттука, не ми е јасно од каде храброста во јавноста да се изнесуваат полувистини и невистини и тоа токму од главниот и одговорен уредник на ова списание, кој воедно сега е претседател на СММ.

На личноста и делото на г-нот Маркоски нема посебно да се осврнувам, но само ќе забележам дека во овие нови модерни времиња во Македонија, за првпат во седумдецениското постоење на СММ се случува шеф на Институтот за математика при ПМФ истовремено да е претседател на СММ, понатаму истовремено да е член на Комсијата за нострификација на дипломи стекнати во странство, па неговата сопруга да е главен оценувач во матурата, а можда има уште некоја функција која во македонската математика ја има брачниот пар Мароски, а за која мојата маленкост не е информирана. Но, за овој дел од општествениот ангажман на семејството Маркоски можда во некоја друга прилика, а особено доколку за состојбите во македонското математичко образование биде обвинет некој друг кој не е по желба на Маркоски и неговите пријатели. А сега ќе дадам неколку коментари на невистините и небулозите кои Маркоски ги изнесува во неговиот напис.

1. Списанието Нумерус, наменето за учениците од основното образование, излезе во точно определен временски рок во кој излегуваше и во претходните години. Имено, техничкото лице во СММ беше информирано на 10.09.2018 година дека првиот број е предаден во печат, а веќе на 15.9.2018 година и беше доставен за дистрибуција. Меѓутоа, од неразбирливи причини списанието не се дистрибуираше се до 15.12.2018 година, иако до овој временски период беше отпечатен и вториот од четирите броја за учебната 2018/19 година. За причините поради кои техничкото лице во СММ вака се однесуваше не сакам да навлегувам и шпекулирам, но само сакам да го потсетам г-нот Маркоски дека оваа особа е сестра на неговиот ментор, кој случајно или намерно сега е член на Управниот одбор на СММ. Овде уште сакам да напоменам дека во периодот кога јас дојдов за претседател на СММ списанието се печатеше во тираж од 1500 броја, од кои само 900 се продаваа. Минатата учебна година тиражот на списанието е 3000 и се продадени 2400 броја, при што за сите четири броја се подмирени сите трошоци за печатење, уредување и дистрибуција. Секако, ова е далеку од тиражот од 10000 примероци, кој токму дел од екипата на која сега се потпира Маркоски го наследи во 2004 година, но и покрај тоа ако совесно се работи и се наплатат сите средства од досега продадените броеви за минатата година, СММ, т.е. Маркоски само по овој основ ќе располага со најмалку 260000 денари за реализирање на активностите во учебната 2019/20 година.

2. Списанието СИГМА, наменето за учениците од средното образование, излезе барем во првото полугодие во точно определен временски рок (исто како и списанието Нумерус). Меѓутоа, со пласманот се случи истата приказна како и со Нумерусот. Точно е дека списанието Сигма е далеку од профитабилно, меѓутоа Маркоски треба барем да се сеќава дека тиражот на ова списание во 2004 година, кога дојдоа првите големи промени во СММ беше околу 2400 броја, за да потоа повторно благодарение на дел од екипата со која сега го раководи СММ истиот се сведе на околу 200 броја, а сега списанието се печати во 500 броја и колку да се знае издадени се сите предвидени броеви, освен последниот за учебната 2018/19 година. Зошто овој број не е издаден, на тоа прашање најдобро може да одговори токму г-нот Маркоски, кој во периодот на делумното пропаѓање на ова списание беше негов главен и одговорен уредник или можда заборавил на овој факт. Овде само ќе додадам дека во овој случај, како и за списанието Нумерус, се подмирени сите трошоци, па ако се наплатат дистрибуираните броеви и се пласира дел од залихите, г-нот Маркоски повторно ќе има средства за натамошно непречено функцио­нирање на СММ.

3. Третото списание кое се издава во рамките на дејствувањето на СММ е Математичкиот билтен, чиј секретар на редакцијата повторно со години е неизбежниот Ѓорѓи Маркоски. Се надевам дека Маркоски се сеќава дека во 2014 година беше издаден само бројот за 2012 година. Јасно, тој се сеќава на овој неспорен факт, исто како што се сеќава и дека тој беше и е секретар на уредувачкиот одбор на ова списание, а воедно неговиот ментор во тој период беше главен и одговорен уредник на Математичкиот билтен. Да, за да нема забуна тоа е истото лице кое беше главен и одговорен уредник и на списанието Нумерус. Согледувајќи ја состојбата во која и ова списание беше доведено до колапс, како претседател на СММ превзедов активности во кое направив некои промени во уредувачкиот одбор и како резултат на тоа дотогашниот главен и одговорен уредник забрзано за 2013 година издаде два броја, а веќе почнувајќи од 2014 година до сега списанието се печати во два броја годишно, при што за оваа година веќе е подготвен првиот број. Овде само ќе напоменам дека во овој период списанието беше прифатено во базата на EBSCO, а со ангажман на една колешка, член на СММ, во консултација со колега од Уредништвото и со мое знаење и одобрување како претседател се поднесе апликација списанието да се најде и во базата SCOPUS. Можда ова за Маркоски и неговите подржувачи и сеачи на лаги по социјалните медиуми е неважно, но само да потсетам дека токму како резултат на размената на списанието Математички билтен во библиотеката на Институтот за математика доаѓаат по пат на размена над 130 математички часописи, чија набавна вредност е над десетина илјади долари. Не можам да кажам дека сум премногу задоволен од направеното, но секако дека од 2012 година до сега е направен забележителен исчекор во функционирањето на ова списание, па Маркоски треба добро да размисли што ќе прави понатаму, т.е. дали своето опстојување како претседател на СММ ќе го темели врз работа или врз давање небулозни интервјуа, кои имаат за цел лична промоција и тоа без ниту една реализирана активност како претседател на СММ. Овде само ќе напоменам дека и списанието Математички билтен нема финансиски оптеретувања, т.е. дека се подмирени сите трошоци за неговото излегување до 2018 година. За да работите станат појасни, јавноста треба да знае дека менторот на г-нот Маркоски беше и е главен и одговорен уредник на Годишниот зборник на Институтот за математика, списание кое до превземањето од страна на споменатите лица излегуваше еднаш годишно, а од 2001 до 2018 година се отпечатени дури 4 броја, што е загрижувачки. Последното е особено важно бидејќи случајно или не г-нот Маркоски е член на уредувачкиот одбор и на ова списание, а од истото не е отпечатен ниту еден број токму во периодот кога тој е шеф на Инстиутот за математика при ПМФ Скопје, т.е. од 2013 година до денес. Оттука не е јасно за каква доверба и општествена одговорност говорат лица кои само се китат со функции, а во суштина многу малку или ништо не работат, освен што даваат интервјуа по медиумите и држат второразредни говори на разноразни собири.

4. Што се однесува до финансиската состојба, Маркоски тврди дека не е запознаен со истата, па ќе коментирал кога детално ќе се запознаел. Каква лага, па дента кога ги доби печатите на СММ г-нот Маркоски беше запознаен за оваа ставка и тоа токму од мене. Но, за да немаме недоречености, ако наместо писанија по новини и сајтови Маркоски се зафати со работа, до крајот на септември по основ на претплата на Нумерус може да наплати околу 260000 денари, а има средства кои може да ги наплати и по основ на претплата на Сигма. Притоа, овие средства се неоптеретени, т.е. во СММ нема да пристигне неплатена фактура. Последното е од особена важност, бидејќи заедно со оние 41000 денари кои се наоѓаат на сметката на СММ, за продолжување на активностите на СММ, Маркоски ќе располага со над 300000 денари, што е сосема доволно. Овде, за јавноста да биде запознаена само ќе напоменам дека печатењето на трите списанија и исплатите за нивното уредување (сите броеви) во споменатите тираж не надминува повеќе од 300000 денари.

5. Дел од коментарите на Ѓорѓи Маркоски е организирањето на дополнителните математички олимпијади, кои изминативе неколку години беа дел од системот за избор на екипите за БМО, ЈБМО и ИМО. Притоа, Маркоски најавува дека единствен критериум за избор на екипите ќе биде пласманот на ММО и ЈММО. Каква глупост! Нашите ученици учествуваа на неколку престижни меѓународни олимпијади, кои беа дел од системот за определување на екипите за ЈБМО, БМО и ИМО. Овие натпревари се крајно сериозни и респектибилни и секое нивно негирање, а промовирање на локални критериуми поддржани од бизнис партнерите во приватните школи, кои сега се дел од раководството на СММ во најмала рака е чиста глупост и многу сомнително. Постојат две причини за ваквите небулози, а тоа е: незнаењето или опстојување на профитабилните школи за подготовка на учениците за натпревари, кои се организирани токму од дел на сегашните членови на Управниот или Надзорниот одбор. Се чини дека првото не е случај, бидејќи треба да си тотална незналица за да ги негираш Европскиот математички куп (ЕМК), Иранската геометриска олимпијада (ИГО), Медитеранската математичка олимпијада (МеМО) и Азиско-пацифичката математичка олимпијада (АПМО). Последната е, според многу мислења, втора по ранг натпреварување во светот, непосредно по ИМО, но со оглед на тоа дека на неа се задаваат пет задачи кои се во ранг на задачите на ИМО и истите се решаваат за 4,5 часа (на ИМО се работи два дена, дневно на по три задачи за 4,5 часа), лично сметам дека АПМО е далеку потешка од ИМО. Оттука останува дека единствена причина за ваквиот став на Маркоски е втората, при што ќе се најдеме во ситуација таканаречениот апсолутен победник на ММО да оди на БМО и ИМО, а оттаму да се врати со освоени цели 2 од 42 поени, нешто што ни се случуваше пред воведувањето на дополнителните математички олимпијади. Друга штета, која со ваквиот став Маркоски ја прави, е тоа што на меѓународни математички натпревари ќе учествуваат само неколку ученици, без притоа истата можност да им се понуди на повеќе деца, што секако ја намалува можноста за грешка при определувањето на екипите за ЈБМО, БМО и ИМО. На крајот, по ова прашање сакам да напоменам дека е смешно оправдувањето на Маркоски, дека тој е против тоа за некои натпревари учениците да плаќаат котизација. Зошто е ова смешно? Па едноставно, ако тој е толку расположен целосно да работи без пари, тогаш зошто тоа не го кажа кога ги добиваше хонорарите од СММ или зошто да кажеме не учествува бесплатно во комисиите за одбрана на дипломски, магистерки и докторски работи. Еве, на пример, тој е неговите поддржувачи во интерес на студентите нека се откажат од хонорарите за дипломски работи (сигурно можам да кажам дека читањето и членувањето во комисија за одбрана на дипломска работа е полесно од прегледувањето на било која задача зададена на олимпијадите АПМО, МеМО, ИГО и ЕМК). Кога сме кај ова прашање, на крајот да споменам дека спорните за Маркоски олимпијади имаа и друга цел. Имено, во рамките на организирањето и спроведувањето на овие олимпијади до група ученици, која во просек броеше над 150 деца, беа испраќани тестови за подготовка за вакви натпревари, на кои потоа на секој ученик со новиот тест му беа испраќани решенијата на задачите од претходниот тест. Можда за г-нот Маркоски тоа не е ништо, но само да напоменам дека станува збор за околу 1000 решени задачи, што е многу повеќе од она тој и неговите пријатели за целиот свој живот го имаат направено за овие деца.

6. Г-нот Маркоски го споменува и натпреварот Кенгур, како според него многу спорна точка. Не знам дали неговиот настап е од неинформираност или од некои други причини, па затоа го упатувам за ова прашање изворно да се информира кај еден од членовите на претходниот и сегашниот Управниот одбор. Имено, споменатиот господин во рамките на хајката која против мене и колегите од Комисиите за натпревари ја водеше на социјалните медиуми се обрати до претседателот на Меѓународната асоцијација Кенгур без граници, од кој доби валидно објаснување за состојбите. Не знам дали овој господин и неговите бизнис пријатели се задоволни од одговорот, но се надевам дека од преписката, која ми беше доставена на увид, некои нешта им станале појасни. Инаку, за информирање на јавноста, од за мене непознати причини во 2004 година е направен обид овој престижен натпревар да згасне во нашата држава, а возобнувањето на истиот е направено токму од мене. Преку мои контакти ги добивме задачите за 2005 година и потоа, освен во 2006 година, во целиот период до 2019 година како поединец сум член на асамблејата на Кенгур без граници, и во целиот изминат период моето делување е според правилата за работа на истата.

7. Една од клучните небулози се коментарите на г-нот Маркоски за моралната состојба во македонската математика. Кога сме кај ова прашање, сакам само да напоменам дека на општинските натпреварите по математика во основното и средното образование учествуваат над 6000 ученици, што е респектибилна бројка. Ако кон ова се додадат членовите на комисиите за прегледување на задачи и тастаторите, кои заедно се над 1800 колеги, тогаш и дете од четврто одделение лесно доаѓа до бројката од над 7800 партиципанти на првиот степен на натпреварување. Секако, ова не е ниту само моја заслуга, ниту заслуга на Управниот одбор, туку би рекол дека пред се тоа е заслуга на Комисиите за натпревари, во кои учествуваат и г-нот Маркоски (претседател на комисијата за средно образование) и неговата сопруга г-ѓа Јасмина Маркоска (до пред една-две години член на комисијата за основно образование). Во котекст на претходно изнесеното, ако се мисли на неодржувањето на натпреварите во Кичево, па само да напоменам дека токму Маркоски потекнува од овој град, што дополнително фрла сомнеж зошто баш во оваа општина последниве две-три години не се одржаа натпреварите. Понатаму, постои обид јавноста да се замајува дека во Охрид не се одржале општинските натпревари, што е чиста дезинформација пласирана од пријателите на Маркоски, членови на сегашниот Управени одбор на СММ. Имено, и покрај обидот за саботирање на системот на натпревари од еден-двајца неработници и ефтини политиканти од Охрид, во овој град сепак континуирано се одржуваа натпреварите во основното образование и тоа благодарение на поддршката на директорите и деканот на Факултетот за туризам и угостителство, за што јас посебно им благодарам.

Во контекст на претходно изнесеното сакам да искажам огрмна благодарност и на членовите на Комисиите за натпревари, кои и покрај бројните притисоци од сопствениците на приватните второразредни училишта за подготовки за натпревари, совесно ги завршија обврските кои ги имаа превземено и не подлегнаа на уцени и не дозволија растурање на натпреварите и уништување на списанијата. Обидите за местење на натпревари и местење на изборот на екипи ги правеа токму неколку членови на сегашниот Управен одбор на СММ, кој ете најавува дури и дека математичките критериуми за избор на екипите за ЈБМО, БМО и ИМО ќе ги замени со некакви нивни дискрециони права. Дали во овие дискрециони права спаѓа и висината на приходите од приватните училишта, ќе покаже времето. Тука сакам да искажам јавна поддршка на еден член на Управниот одбор, кој и покрај погоре споменатите небулози се залага за чесен избор на екипите на ЈБМО, БМО и ИМО.

8. Во своето писание г-нот Маркоски го споменува и Управниот одбор на СММ. Се надевам дека мисли на телата од периодот во кој јас бев претседател на СММ, па затоа ќе си дозволам и по ова прашање да дадам коментар и свое видување. Точно е дека во периодот додека раководев со СММ во Управниот одбор имаше разногласие по некои прашања, но повеќе од точно е дека сите одлуки се донесени согласно Статутот на СММ, односно со квалификувано мнозинство на членовите на Управниот одбор. Ваквата состојба стана неприфатлива за еден член на тогашниот и сегашниот Управен одбор, кој во рамките на своите нереални амбиции за владеење без работење, преку социјалните медиуми веќе две години води невидена хајка, која пред се е базирана на лаги. Понатаму, слободно можам да кажам дека и Управниот и Надзорниот одбор во периодот додека раководев со СММ беа составени од луѓе кои имаа барем еден заокружен степен математичко образование (факултет, магистратура или докторат по математика) и немаа конфликт на интереси, односно не беа сопственици на приватни школи за подготовка на ученици за натпревари. Меѓутоа, ова не е случај со сегашните Управен и Надзорен одбор на СММ, во кој не само што членува лице кое нема никакво математичко образование, туку членуваат и неколку лица кои сериозно се инволвирани во бизнисот со наводната подготовка на ученици за натпревари, кој пред се е раководен и организиран од луѓе за кои едноставно може да се каже дека не знаат математика (можда со исклучок на едно лице меѓу нив). Понатаму, што се однесува до телата кои ги споменува г-нот Маркоски, за нивната работа и делување најдобро говори тоа што во периодот додека јас раководев со СММ бевме организатори на ЈБМО во 2014 година и на БМО 2017 година, а во 2015 и 2017 година во нашата држава се одржа SEEMOUS (студентнската олимпијада на MASSEE). Притоа сакам да напоменам дека како на ЈБМО, така и на БМО учествуваат над 20 држави, а за организација на истите СММ не доби ниту еден денар финансиска поддршка од државата. Ако кон ова се додаде дека во овој период во организација токму на споменатиот Управен одбор се одржаа два конгреси на математичарите на Македонија (во 2014 и 2016), секој со по над 200 учесници, на колегите и граѓаните на нашата држава ќе им стане јасно за какви и колку големи активности станува збор, кои уште еднаш ќе напоменам дека се организирани без ниту еден денар финансиска поддршка од државата. Не сакам повеќе да говорам на оваа тема, но само ќе напоменам дека едниот конгрес на СММ се одржа токму за да се надополни конгресот кој не се одржа во 2004 година, кога СММ го превзедоа и раководеа токму двајцата клучни поддржувачи и општествени ментори на г-нот Маркоски.

Во таканреченото интервју на г-нот Маркоски има и некои работи кои не се однесуваат лично на мене и на периодот во кој раководев со СММ, но се во ист стил како и останатиот дел, т.е. се полни со омаловажување на групи и поединци. Дел од тоа омаловажување се и директорите во основните и средните училишта, кои безмалку се прогласени за некомпетентни. Немам намера никого да бранам, но ќе напоменам дека секој голем систем има свои добри и лоши страни. Меѓутоа, околу 1200 директори во основното и средното образование да се прогласат за некомпетентни е чиста лудорија и најмалку глупост.

Има уште многу да се каже и напише за писанијата на г-нот Маркоски и дејствувањето на неговите пријатели, но се надевам дека за тоа нема да има потреба. Впрочем, без обзир на небулозите и невистините со кои тој се служи, му посакувам успех во работата и раководењето со СММ, при што не само што ќе мора да се справи со некомпетентното бизнис лоби во Управниот и Надзорниот одбор, туку во 2020 година ќе треба да организира нов конгрес на математичарите на Македонија и истата година да ја организира ЈБМО.

д-р Алекса Малчески, ред. проф.

Скопје Машински факултет, Скопје

11.08.2019