Природно-математичкото здружение АРМАГАНКА – Скопје е формирано со цел да придонесе во унапредувањето на образованието во природните науки, а пред се во математиката. Здружението поставените цели ги остварува така што на пошироката јавност, а пред се на учениците од основното и средното образование и на студентите им нуди слободни образовни ресурси кои се публикуваат на сајтот на здружението. Така, на овој сајт можете да најдете математички четива за учениците од основното и средното образование, збирки решени и нерешени задачи, кои пред сѐ се наменети за работа со надарените ученици по математика, но дел може да се користат и во редовната настава и учебници кои во изминатиот период биле дел од образовниот систем, а за кои сметаме дека сега и во иднина добро може да им послужат на учениците од основното и средното образование. Покрај тоа, дел од содржините на овој сајт се универзитетски учебници, монографии и изданија од научни собири кои се во организација на здружението. Секако, неодминлив дел од работата на секое здружение од ваков вид се и математичките олимпијади, па токму затоа дел од содржините на овој сајт се и задачите од олимпијадите кои биле или се во организација на здружението АРМАГАНКА.
Здружението АРМАГАНКА е отворено за соработка со сите правни и физички лица, па оттука и заложбата за електронско објавување на стручни и научни работи (монографии) на сите заинетересирани граѓани од нашата држава и пошироко.
Со желба за плодна и успешна соработка ве повикуваме сега и во иднина да ги користите бесплатните образовни ресурси кои за вас ги подготвуваат членовите и соработниците на здружението АРМАГАНКА.