ПОЧИТУВАНИ УЧЕНИЦИ, РОДИТЕЛИ И ЧЛЕНОВИ НА МАТЕМАТИЧКАТА ЗАЕДНИЦА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
На 24.02.2020 година на страната на СММ беше објавена организацијата на некаков Државен електронски натпревар по математика, активност која сама по себе содржи елементи на измама и има за цел на Ѓорѓи Маркоски и неговите соработници да им обезбеди сериозна финансиска добивка. Имено, за натпревар кој освен составување на некакви тестови со понудени одговори, нема никаков, ама баш никаков финансиски трошок ќе се наплаќа котизација од 60 денари.
Овде, не станува збор дали Маркоски и неговите пријатели имаат право да организираат било каков натпревар, вклучувајќи ја и оваа циркузијада и дека плаќањето котизација е измама. Измамата се состои во тоа што овој натпревар не е дел од добиената акредитација, па затоа не може да биде окарактеризиран ниту како општински, ниту како регионален, а најмалку како државен натпревар. Имено, државните натпревари се организираат согласно добиената акредитација и акредитираните правилници за натпревари за основно и средно образование, а од остварените резултати на истите учениците стекнуваат определени бенифити (награди, степендии и слично), што со оваа циркузијада не е случај. Затоа сметам дека ова е класична злоупотреба на добиената акредитација и дека може да се окарактеризира како измама на учениците и родителите, кои со право ќе очекуваат дека со добиените дипломи од оваа финансиска екскурзија на СММ ќе може да конкурираат за степендии. Јасно, ова Маркоски и неговите пријатели не ги интересира, бидејќи нив ги интересираат само пари, што можеше да се види и од начинот на кој без сериона програма и соодветни материјали ја организираа таканаречената математичка школа, од која по одржан час беа инкасирани бруто по околу 50 евра. Но треба да ги интересира надлежните во МОН, а и самиот Министер за образование и наука, бидејќи тој ќе биде доведен во ситуација да објаснува зошто за освоени награди на државен натпревар по теркот на Маркоски и пријателите не може да се добие степендија, а натпреварот го организира акредитирано здружение.
Зошто овој таканаречен натпревар е чист волунтаризам? Според она што може да се види од објавата на СММ, учениците на 14 и 15.02.2020 година во домашни услови за 90 минути треба да испратат решенија на некакви тестови кои ќе ги добијат по електронски пат, секоја категорија во определено време. Но, кој ќе ги решава овие тестови? Кој гарантира дека лицето кое ќе ги испрати одговорите на задачите, навистина ги решавало задачите? Маркоски и пријателите треба да објаснат како тоа ќе делат дипломи на слепо, т.е. без да имаат било каква контрола дека испраќачот на одговорите на задачите самостојно ги решил поставените задачи. Но, тоа не е важно, важни се финансиските ефекти. Е, ова е навистина апсолутен врв на хипокризијата и професионалниот неморал на Маркоски и неговите пријатели. Луѓето кои ја спореа котизацијата за престижните меѓународни олимпијади ИГО, ЕМК, АПМО и МеМО, сега без никаков страм наплаќаат котизација за организација на нешто што тие сакаат да го наречат натпревар, па дури и државен. Но, кога сме кај парите, човек да се запраша дали овие луѓе откако го раководат СММ до денес сработиле нешто без пари. Одговорот е не сработиле, при што како работа не може да се сметаат оговарањата по кабинети и пишувањето статуси на facebook, кои статуси се полни со дезинформации и омраза.
Почитувани, на крајот од наше обраќање сакам да напоменам дека вакви натпревари е можно да се организираат и не е проблем СММ доколку сака и може да ги организира, но само ако се обезбедат услови кои подразбираат видео снимка дека ученикот самостојно ги решава поставените задачи, нешто што впрочем е предвидено и се практикува од некои универзитети кои имаат студирање на далечина. Во случајот тоа не е направено, а сметам дека Маркоски и пријателите немаат знаења и умеења, но и технички капацитет тоа да го направат. Имајќи го предвид претходно кажаното, уште еднаш ќе повторам дека овој таканаречен натпревар е чист волунтаризам со елементи на измама, па затоа секој треба добро да размисли дали ќе биде дел од оваа рашомонијада, бидејќи последиците од истата најмногу ќе ги почувствуваат децата за не така долг временски период, нешто што во желбата за пари Маркоски и неговите соучесници апсолутно не ги интересира.